hrana

08.12.2022 Скопје

Светската трговска организација (СТО) предупреди дека земјите ширум светот ги олабавуваат прописите за увозот, а го ограничуваат извозот, особено на храната и ѓубривата.

СТО утврди дека во последните 12 месеци, до средината на октомври, членките на СТО воведоа повеќе мерки со кои ја унапредија трговската размена отколку ограничувањата.

Пресметките на СТО покажуваат дека на тој начин, месечно, во просек, воведени се најмногу мерки за унапредување на трговијата од 2012 година.

Меѓутоа, со овие мерки, земјите најмногу го поттикнуваа увозот, а најмногу го ограничуваа извозот, предупредува СТО, заклучувајќи дека извозните ограничувања ги надминале ограничувањата на увозот за прв пат од 2009 година, кога почнаа да се следат податоците.

Шефицата на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, изјави дека членките засилено ги применуваа новите ограничувања во трговијата, особено на извозот, прво во контекст на пандемијата, а од неодамна и во контекст на војната во Украина и кризата во снабдувањето со храна.

Генералната директорка на СТО наведува дека од 78 мерки за ограничување на извозот на прехранбени производи, добиточна храна и ѓубрива, воведени од почетокот на војната во Украина, кон крајот на февруари, 57 од нив сè уште се во сила, што одговара на приближно 56,6 милијарди долари трговска размена.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author