studentski dom stiv naumov

12.12.2022 Скопје

По барање на студентите од Универзитетското студентско собрание, денеска пратеничките Моника Зајкова и Фиснике Бектеши и претседателот на Универзитетското собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски извршија увид на просториите во студентскиот дом „Стив Наумов“, со цел да оценат дали поправките и реновирањето се одвиваат согласно предложениот Акциски план за реализација во студентските домови на активности побарани од студентите на Министерството за образование и наука.

Зајкова изјави дека импресиите се лоши и очигледно е дека е потребно да се санираат студентските домови од корен, особено „Стив Наумов“. Воедно, додаде дека првиот и вториот блок се реновирани во 2009 година, а зградите се тотално вон употреба и тоа е засрамувачки, потенцирајќи дека она што го видоа во оваа зграда што е пуштена во употреба е дека треба под итно да се санираат и реконструираат и тоалетите, но и да се подобрат условите за живот.

Како Собрание, Зајкова додаде дека можат да свикаат јавна расправа и таа да оди во формално работно тело, да се дебатира и да се извлечат заклучоци што ќе ги обврзат институциите да постапуваат.

Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом – Скопје најави дека во тек е завршната фаза на проектот за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“.

Со реновирање ќе почнат зградите 1 и 2 во „Стив Наумов“ коишто иако се обновени во 2009 година, тие не се во функција. Како што најави Велевски, целосно ќе се реновира и зградата 3, но и мензата во домот.

Темелковски вели дека како Универзитетско собрание при УКИМ, за помалку од три месеци успеале да ја поведат иницијативата да ги посетат сите студентски домови.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author