28.12.2022 Скопје
Руското Министерство за одбрана потврди дека се завршени заедничките поморски вежби на руската и на кинеската морнарица во Источното Кинеско Море.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека воени бродови на Тихооеканската флота и на воената морнарица на Народноослободителната армија на Кина ги завршија практичните задачи во рамките на билатералната поморска вежба.
„Бродовите на двете земји, со поддршка на противподморничката авијација, заеднички трагаа по подморница на договорениот непријател и испукаа салва од млазни длабински бомби”, се додава во соопштението.
Вежбите се одржаа меѓу 21 и 27 декември, а беа наречени „Поморска интеракција–2022″. Во поморските вежби што беа изведени во водите кај Џоушан и Тајџоу, во кинеската провинција Жеџијанг, беше вклучена и руската тихооеканска флота.
Подготвено од М.Н.