11.12.2022 Скопје
Во обраќањето до јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ, поради неможноста за постигнување компромис со Косово, најави формално-правна борба и повеќе мерки на Србија, меѓу кои се скорешно објавување на нотите на земјите кои го подвлекле признавањето на Косово, барање до петте земји на ЕУ кои не го признале Косово да не ја поддржат најавената апликација за членство во ЕУ на 15 декември и барање до КФОР да обезбеди распоредување српска војска и полиција на Косово.
Вучиќ посочи дека Србите 10 години го почитувале Бриселскиот договор, додека Албанците не го почитувале и дека сега „Албин Курти кажува дека барањето за формирање на ЗСО во дијалогот е детска желба и дека тоа можеме да го добиеме само ако го признаеме Косово”.
Српскиот претседател истакна дека по најавата дека Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ на 15 декември, испратил писмо до лидерите на пет земји кои не ја признаваат независноста на Косово.
Бидејќи со ова барање Косово го прекршува Вашингтонскиот договор, но и Бриселскиот договор, Вучиќ најави дека следниот понеделник или најдоцна во недела ќе ги покаже нотите на земјите кои го повлекле признавањето на Косово.
Вучиќ изјави и дека разговарал со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за следните чекори.
Според него, со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН потврдено е дека на договорен број припадници на војската и полицијата на Република Србија ќе им биде дозволено да се вратат во Косово за да извршуваат одредени функции.
До денеска немало никакви разговори со КФОР за враќање на тие припадници, рече Вучиќ и додаде дека овде не може да има друго толкување и дека тоа барање мора да се прифати.
Како што истакна Вучиќ, тој и цела Србија ќе бидат изложени на жестоки напади и притисоци однадвор, не само преку хибридна војна, туку „убедливо со досега најголемите и најтешките можни притисоци” и порача до сите – „и до нашите во КиМ кои се борат за своите семејства и својот опстанок, како и до оние кои доаѓаат кај него, во наредните денови да нема предавање и нема ни да има”.
Подготвено од А.Ѓ.