23.12.2022 Скопје
Веќе трет ден по ред има магливо време и енормно загадување на воздухот во Скопје, а Државниот автоматски мониторинг систем за загадувањето со ПМ-10 честички има последни податоци само за 20 декември.
На светската мапа на аерозагадување, Скопје се наоѓа на петта позиција, заедно со Лахоре, Њу Делхи, Сараево и Мумбаи.
Министерството за животна средина и просторно планирање веќе трет ден нема објавено најнови дневни податоци за загадувањето на воздухот во Скопје. Додека пак, последните податоци за надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен се објавени на 20 декември.
На 20 декември, на сите мерни станици во Скопје имало поголемо загадување од дозволеното и се движело од 61 до 102 микрограми на метар кубен.
Горјан Јовановски, креатор на апликацијата AirCare која го мери загадувањето на воздухот, веќе втор ден по ред алармира за енормното загадување на воздухот во Скопје, додавајќи дека на Министерството за животна средина и просторно планирање во најзагадените периоди им текнало серверската опрема на мерните станици да ја менуваат, а со тоа да оневозможат граѓаните да знаат што дишат.
Притоа, податоците за квалитетот на воздухот на AirCare во моментов покажуваат дека најголемо е загадувањето со ПМ-10 честички на мерните места во Скопската котлина.
Во отсуство на официјални податоци од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот, Јовановски препорачува граѓаните да не вежбаат на отворено.
Неговата препорака е и граѓаните да ги користат прочистувачите на воздух доколку ги имаат, и ако се во можност да излезат надвор од Скопската котлина, на околните повисоки места.
Веб-страницата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот нуди единствено препораки до граѓаните без податоци од мерењата на ПМ-10 честичките во Скопје.
Во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри ПМ10, односно два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 µg/m3, тие препорачуваат до граѓаните да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време.
Покрај препораките во транспортот, се препорачува граѓаните да не користат за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, но и правилно да се користат печките за дрва.
Истовремено, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Податоците на веб-страницата IQAir за денешниот ден покажуваат дека Скопје е петти град во светот според степенот на загаденост на воздухот. US Aqi индексот за Скопје е 183 во моментов и истиот укажува дека жителите на Скопје дишат нездрав воздух. Понизок квалитет на воздухот од Скопје во моментов имаат единствено Лахоре (Пакистан), Њу Делхи (Индија), Сараево (БиХ) и Мумбаи (Индија).
Подготвено од А.Ѓ.