07.12.2022 Скопје
Нова група волонтери на американската федерална агенција Мировен корпус почнува со работа во Република Северна Македонија. Дел од волонтерите кои денеска дадоа свечена заклетва, ќе соработуваат со девет основни и две средни училишта, во рамки на Програмата за англиски јазик и инклузија.
Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, заедно со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер и директорката на Мировниот корпус во Република Северна Македонија, Дебора Конер, посакаа и овие волонтери да продолжат со посветеноста на нивните претходници да даваат придонес во напорите да се мотивираат учениците да напредуваат низ процесот на образование.
„Волонтерите заедно со наставниците и професорите по англиски јазик ќе соработуваат со цел унапредување на наставата по англиски јазик, како на самите часови, така и во многубројни дополнителни активности како клубови и кампови, спортски активности, работилници за животни вештини, проекти за подобрување на училишата и обуки на наставниот кадар. Улогата на волонтерите во училиштата е особено важна сега, после еден тежок период во кој пандемијата имаше силно влијание врз образованието и младите луѓе“, рече заменик министерот Алиу.
Соработката со волонтерите на Мировниот корпус датира од 1996 година, а е официјализирана со потпишувањето на Меморандум во 2014 година.
Подготвено од А.Ѓ.