06.12.2022 Скопје
Претставниците на Европската Унија коментираат дека Република Северна Македонија е шампион во надворешната политика, но ако нема политичка стабилност тешко дека ќе оди напред, а за приоритет како што е интеграцијата во ЕУ треба да има консензус, вклучувајќи ги и уставните измени.
Главната порака од денешниот самит ЕУ-Западен Балкан ќе биде потврдувањето на клучното значење на стратешкото партнерство меѓу Унијата и Западен Балкан, додека пак војната во Украина го стави проширувањето на Европската Унија на врвот на агендата.
На Самитот во Тирана се поканети сите 27 земји членки на ЕУ и партнерите од сите шест земји од регионот. Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во неа ќе бидат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според најавите, клучни теми на Самитот се заедничкото справување со последиците од руската агресија врз Украина со фокус на негативните ефекти врз енергетската безбедност и достапноста на храна во регионот, но и разгледување можности за координирани безбедносни и одбранбени активности, како што е борбата против дезинформации од странство и подобрувањето на колективната кибер безбедност.
Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе разговараат за продлабочување на политичкото учество, со особен фокус на младите, како и за заедничко справување во насока на менаџирање на миграцијата по должината на рутата на Западен Балкан, што подразбира и усогласување на политиката на ЕУ за визна либерализација и за соработка во системот на репатријација.
Вообичаено за секој самит е усвојување заедничка декларација, а во однос на усогласеноста на текстот од декларацијата и дали е потврдена од сите лидери, претставниците на ЕУ на вчерашниот брифинг изразија увереност дека сите шест земји од регионот на Западен Балкан ќе ја потпишат и со тоа ќе биде испратена силна порака. За тонот на декларацијата и дали ќе има и некои политички пораки од Самитот, тие брифираат дека важноста на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и регионот ќе биде во фокусот, исто како и реафирмирањето и забрзувањето на интегрирањето на регионот во ЕУ, но и тоа дека земјите ќе се движат повеќе и побрзо, ако се партнер што презема реформи и ги почитува принципите на ЕУ, како владеење на правото, правната држава и политики на добро владеење, со акцент дека не е само носење закони и реформи, туку и нивно спроведување.
За патот на Република Северна Македонија кон Унијата, извори од ЕУ истакнуваат дека проширувањето се враќа на агендата, но мора да се признае дека „лесното“ проширување заврши уште со приемот на Хрватска во 2013 година, по што на сцена стапи „тешкото“. Воедно, оценуваат дека земјата е шампион во надворешната политика, за реформите „ќе видиме“, но ако нема политичка стабилност тешко дека ќе се оди напред. Притоа потсетуваат дека за геополитички приоритети, како што е интеграцијата во ЕУ, треба да има консензус и во тој контекст ги споменуваат уставните измени.
Токму уставните измени и впишувањето на Бугарите во Преамбулата се првиот предизвик за Република Северна Македонија, а министерот за надворешни работи Бујар Османи порача тие што побрзо да станат тема во парламентот.
Подготвено од А.Ѓ.