17.12.2022 Скопје
Меморијалниот стадион „Роберт Френсис Кенеди“ кој важи за еден од симболите на американскиот фудбал започна да се демолира, на негово место ќе се гради меморијален центар посветен на поранешниот сенатор и генерален обвинител Роберт Кенеди, брат на пранешниот претседател Џон Кенеди.
Стадионот, познат по скратеното РФК, е еден од првите стадиони во САД специјализиран за мечеви на професионален американски фудбал и бејзбол.
На овој стадион во минатото се организираа натпревари и од машкиот и женскиот светски фудбалски шампионат, девет фудбалски мечеви од првиот круг на Олимписките игри во 1996 година, боксерски мечеви, велосипедски и авто трки, и маратони.
На стадионот настапувале и многу музички ѕвезди, Мадона, Rolling Stones, Aerosmith, Мајкл Џексон па дури и „Битлси”. На одиграните утакмиците на американски фудбал во почесните ложи седеле претседателите Џон Кенеди, Линдон Џонсон, Ричард Никсон и Џорџ Буш помладиот.
Збогувањето со ова историско место за американците е долго и започна уште во октомври, со распродажба на столиците од трибините, а на церемонијата за збогување се приклучија и од спортските тимови, многу спортисти евоцираа спомени како поранешниот заштитник на „Вашингтон командерс” кој играше за тимот во 1989 година кога тој победи на Супербоул по втор пат, или актуелниот голман на „Ди-Си Јунајтед”, Бил Хамид.
Подготвено од М.Н.