05.12.2022 Скопје
Славица Грковска, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, денеска присуствуваше на промоцијата на анализата „Родова еднаквост во спортот во Северна Македонија“, подготвена од UN Women.
Вицепремиерката Грковска изјави дека како и во многу други општествени сфери, и во спортот постојат многу голем број на случаи на родова нееднаквост и родова дискриминација, истакнувајќи дека живееме во ера на технологија, дигитализација, вештачка интелигенција, а сè уште најтешко ни оди да го промениме човечкиот мајндсет.
Како заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, но и како жена борец за родова нееднаквост, како што изјави Грковска, силно се противи на дискриминација по било каков основ и може со сигурност да посочи дека секогаш ќе се залага за еднаков и фер настап и на мажите и на жените.
Вицепремиерката изјави дека оваа Анализа, која е прва од ваков тип во нашата земја, во иднина ќе претставува важен документ, за работењето и постапувањето во оваа област, особено во насока на елиминирање на родовата нееднаквост во спортот.
Грковска смета дека настанот е од исклучително значење, бидејќи ќе биде поттик сите релевантни чинители да го дадат својот максимум во процесот на креирање, прилагодување и имплементација на современите стандарди и нивно интегрирање во рамките на националното законодавство.
Подготвено од А.Ѓ.