01.12.2022 Скопје
Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките, Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и Националниот музеј на Србија, денес во Министерството за култура во Софија ќе потпишат договори за заеднички активности.
На настанот ќе присуствуваат министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков и амбасадорите на Република Северна Македонија и на Србија во Софија, Агнеза Руси Поповска и Желко Јовиќ.
Главна цел на договорите е спроведување заеднички проект меѓу трите национални институти со цел заедничко претставување и заедничка изложба во Софија, Скопје и Белград.
На изложбата се планира да се прикажат материјалите и историјата на истражувањето на античката некропола, која била откриена во 1918 година кај Требениште кај северниот брег на Охридското Езеро за време на градежните активности на бугарските инженерски единици, а подоцна истражувана од бугарски, српски и македонски археолози во различни децении на 20-ти век.
Целта на планираната изложбата не е само овој пат да се соберат репрезентативните наоди кои денес се чуваат во музеите во Скопје, Охрид, Софија и Белград, туку и да се покаже и заедничката волја за соработка и пријателство меѓу трите земји.
Подготвено од М.Н.