24.12.2022 Скопје
„IQair.com“ секојдневно ги објавува најзагадените градови во светот, а Скопје и денеска се наоѓа во топ-10.
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, како и во Кичево, Кавадарци и Струмица регистрирано е надминување на вредноста на загадувачки супстанции од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови, поради што стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
Според податоците, на мерното место во Центар во Скопје, во четвртокот, се измерени концентрации на загадувачки честички од 160,34 микрограми на кубен метар, а вчера 248,51 микрограми на кубен метар, а во Лисиче во четвртокот 189,94 микрограми на кубен метар, додека вчера – 259,01 микрограми на кубен метар. Во Кичево, пак, се измерени концентрации на загадувачки честички од 178,04 микрограми на кубен метар во четвртокот и 171.13 микрограми на кубен метар вчера, во Кавадарци 155,28 микрограми на кубен метар во четвртокот и 154,80 микрограми на кубен метар во петокот, а во Струмица 188,51 микрограми на кубен метар во четвртокот и 244,12 микрограми на кубен метар во петокот.
Во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање се наведува дека согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи ве информираме дека истиот е надминат на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица. Поради проблеми со мрежните системи на МЖСПП и инсталација на нова серверска опрема не ни се достапни податоци од мерните места: Тетово и Гевгелија.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека доставиле информација за надминување на прагот на алармирање до министерствата за здравство и за труд и социјална политика, како и до Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Секторот за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до Општина Битола.
Во соопштението се додава дека согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 28.11.2017 година, за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица стапуваат во сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
Согласно овие препораки и мерки, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, потоа да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот, да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Со овие препораки Владата ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат употребата на службените возила до 50 проценти и да обезбедат ограничување на работите на градежните објекти.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и општините треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети, додека Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина) во текот на времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа, се до нејзино завршување, како и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина, пак, согласно препораките и мерките, треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А-ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање информира и дека ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А-ИСКЗ дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50 отсто, со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Единиците на локалната самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
Подготвено од А.Ѓ.