05.12.2022 Скопје
Во општина Гази Баба денес се засадија 75 овошни садници со сертификат, произведени во Опитно поле-ФЗНХ, Скопје. На овој начин се одбележа оформувањето на првиот овошен парк во Гази Баба.
Од локалната самоуправа информираат дека акцијата се спроведе во рамките на платформата Take green actions и спроведување на кампањата Зелен лист Воздух чист, во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје и компанијата ДС Смит-Скопје.
Поводот за денешниот датум беше одбележувањето и на 75 годишнината на Факултетот за земјоделски науки и храна и компанијата ДС Смит-Скопје, 15 годишнината од формирањето на ЈКП Гази Баба 2007 и секако одбележувањето на Светскиот ден на Волонтерството.
Во наредниот период активностите за формирање на овошни паркови ќе се прошири и во други делови на општина Гази Баба и предвидени се активности за формирање на овошни паркови во основните училишта и градинките. Со формирањето на урбаните овошни паркови од една страна се дава поддршка на предизвикот на ФАО Свет без глад до 2030 година и од друга страна се создаваат нови зелени површини и се допринесува кон зачувување на животната средина.
Подготвено од А.Ѓ.