
26.12.2022 Скопје
Шефицата на Агенцијата за азил на Европската унија, Нина Грегори, изјави дека се очекува континуирано да расте бројот барања за азил во Унијата.
„Јасно е дека во догледна иднина ќе се бележи зголемен број барања за азил поради нестабилноста и заканите за човековата безбедност кои се карактеристики на денешниот свет“, изјави директорката на Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA).
Грегори потенцираше дека меѓу јануари и октомври оваа година во ЕУ се поднесени речиси 790 илјади барања за азил, што е зголемување за 54 отсто во споредба со истиот период минатата година, но сепак и овие високи бројки се под нивоата за време на големиот мигрантски бран од периодот 2015-2106 година.
Според EUAA, најмногу баратели на азил дошле од Сирија, Авганистан и Турција, а воените бегалци од Украина не мора да поминат низ долга процедура за азил во ЕУ, бидејќи тие добиваат привремена заштита уште од самиот почетокот на руската инвазија на Украина, а според Грегори, нивниот број до сега е 4,7 милиони.
Подготвено од М.Н.