https://www.facebook.com/photo.php?fbid=450613567068181&set=pb.100063586246127.-2207520000..&type=3

25.12.2022 Скопје

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека со стопанските комори се води дискусијата за нов, вонреден данок на екстра добивка, по примерот на европските земји. Воедно, порачува дека на тие компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите.

Министерот Бесими нагласи дека целта на даночната реформа е да воспостави даночен систем што ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст. Исто така, додаде дека даночната реформа не е само за фискалните приходи, туку се базира на стратегијата за даночна реформа која беше донесена од страна на Владата уште во декември 2020 година, каде главна цел на таа реформа е да се воспостави еден даночен систем кој ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст, врз основа на нови технологии и подобрување на ефикасноста во даночниот систем.

Во првата фаза на реформите се презентирани реформите на даночната политика, односно на три даноци – данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка.

Бесими прецизира дека пристапот за да се обезбеди поголема правичност беше да се зголеми даночната база, а притоа да не се воведат нови даноци и зголемување на постојните даночни стапки. Даночната база се предлага да се зголеми на две основи, едниот основ е намалување на сивата економија, а вториот аспект е преку намалување на таканаречените даночни трошоци или ревидирање на листата на даночни ослободувања.

Во врска со укинувањето на даночното ослободување за малите фирми кои имаат приход до три милиони денари, а не се воведуваат нови даноци за фирмите кои оствариле милиони профити, министерот за финансии Бесими појасни дека даночната реформа е во пакетот што го имаат објаснето, тука спаѓа и намалување на сивата економија, објаснувајќи дека од тој аспект, во овој дел каде што сега се предлагаат до шест милиони денари приходи има опција на оданочување на приходот на еден отсто од приходот или данокот на добивка од 10 отсто. Покрај тоа сите придобивки од даночни ослободувања за реинвестирана добивка остануваат. Исто така, истакна дека тоа што во одредена мера постоеше како ситуација дека се користи можноста да се регистрираат неколку мали правни субјекти кои се под три милиони, а со цел да не се плати данок, од тој аспект, тој дел се разрешува на овој начин. Малите фирми имаат други програми кадешто се поддржуваат нивните инвестиции.

За воведувањето даноци на екстра профити, Бесими нагласи дека веќе имал состанок со стопанските комори и ќе има уште еден состанок со нив, и тоа е сосема друг дел, не е дел од даночната реформа. Исто така, додаде дека дискусијата што се води со коморите е во однос на нов, посебен вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра добивка, што значи дека по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска и други, дури има и директива, препорака од земјите членки на ЕУ, земјите да оценат и да го користат тоа во вид на солидарност.

Бесими посочи дека тоа што сега го дискутираат со стопанските комори е дека во последните четири години оние компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво и ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднократен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка не се земаат предвид за оданочување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author