01.12.2022 Скопје
Во Општата болница во Велес веќе пет месеци велешани не можат да остварат здравствена заштита од кожен доктор.
Единствената докторка е неколку месеци на боледување, а пациентите се упатуваат на специјалист во Скопје. Портпаролот на Општата болница, д-р Елена Левкова Ќулумова, информира дека докторката по кожни болести од боледување ќе се врати во јануари следната година.
Покрај недостиг на кадар за кожни болести, жителите на Велес немаат специјалисти и за други здравствени услуги.
Претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛРМ), како и матичен доктор и доктор по семејна медицина, д-р Лилија Чолакова Дервишова, оценува дека состојбата со немањето на специјалистички кадар во велешката Болница е многу сериозна.
Жителите на Велес, покрај тоа што немаат можност за преглед од кожен лекар, немаат ниту ушен доктор со „Мој термин”, а има само по еден очен доктор и еден трансфузиолог.
Д-р Чолакова-Дервишова предупредува дека ваквата состојба со немање на специјалисти има во поголем дел од болниците во земјава, како Берово, Ресен, Дебар и речиси сите помали градови во земјава.
Според д-р Чолакова-Дервишова, ова е многу сериозна ситуација за сите граѓани коишто редовно плаќале и плаќаат здравствено осигурување и очекуваат да имаат достапност до здравствени услуги во местото на живеење.
Д-р Чолакова Дервишова предупредува дека единствениот доктор пнеумофизиолог од велешката Општа болница за еден месец ќе оди во пензија. Појаснува дека со неговото заминување, матичните лекари ќе мора да ги преупатуваат сите граѓани со тешки белодробни болести кои редовно примаат медицинска терапија, да добијат рецепт во Специјализираната болница во Јасеново или во Скопје, со што овие пациенти ќе бидат изложени на дополнителни трошоци. Исто така, потсетува дека Велес претходно со години имаше Анти-туберкулозен диспанзер (АТД) каде имаше доволно специјалистички кадар за лекување на овие пациенти со туберкулоза и други белодробни заболувања. Со рушење на зградата на АТД, диспанзерот беше префрлен на Интерното одделение при велешката Болница.
Решението за овој проблем д-р Чолакова-Дервишова вели дека е пренасочување на лекарите специјалисти од Скопје во другите градови низ земјава.
Д-р Чолакова Дервишова потенцира дека итно мора надлежните во јавното здравство во земјава да направат префрлање на големиот број на лекари специјалист од клиниките и болниците во Скопје да се пратат по региони во земјава со цел граѓаните од внатрешноста да не се шетаат и изложуваат на трошоци до Скопје, и истите да се прераспределат регионално и болниците во земјава да се пополнат со ваков специјалистички кадар, во интерес на граѓаните.
Подготвено од А.Ѓ.