13.12.2022 Скопје
САД го испрати првиот пакет енергетска опрема во Украина, кој е во вредност од 13 милиони долари, со цел зајакнување на енергетската инфраструктура на земјата, која е под засилени руски напади.
Од САД претходно соопштија дека ќе испратат енергетска опрема во Украина во вредност од 53 милиони долари, и според најавите планираат да испратат уште две пратки со помош од овој тип до крајот на оваа недела.
Висок американски функционер изјави дека основната стратегија во моментов е да се помогне на Украина за да се заштити од овие намерни напади врз енергетската инфраструктура што ја користат цивилите, и да не се дозволи да дојде до хуманитарна катастрофа бидејќи последните руски напади оставија милиони Украинци без струја и греење на температури под нулата.
Руските напади од октомври се фокусирани на уништување на украинската мрежа за снабдување со електрична енергија и греење, а Киев и неговите сојузници сметаат дека таквата тактика е обид да им се наштети на цивилите.
Подготвено од М.Н.