11.12.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека укинувањето на прогресивниот данок е за 2023 година и тоа не значи дека се откажуваме од овој модел во целост, консултациите ќе продолжат и во иднина.
Премиерот Ковачевски истакна дека одлуката за укинување на прогресивниот данок којшто требаше да стапи на сила од 1 јануари е донесена врз основа на бројни анализи и консултации со сите чинители кои покажале дека прогресивниот данок не ги дава бараните резултати како модел.
Во однос на очекуваното намалување на цените на основните прехранбени производи откако компаниите од прехранбената индустрија добија субвенционирана струја, Ковачевски очекува во наредниот период да има дополнително намалување на цените.
Ковачевски додаде дека треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени, а во наредниот период очекува дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10 проценти. Воедно, истакна дека досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја и во овој контекст премиерот Ковачевски потсети дека прехранбените фирми кои не поднеле документи, можат да се пријават до 20 декември за субвенционирано снабдување од 1 јануари 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.