30.12.2022 Скопје
На 12 и 13 јануари 2023 (четврток и петок) со почеток во 20:00 часот ќе се одржи традиционалниот гала оперски концерт во Националната опера и балет по повод празникот „Василица“ 2023.
„Традицијата востановена пред повеќе од 25 години продолжува, оваа година нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, Де Либ, Штраус – помладиот, информираат од Националната опера и балет.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер – Дејан Прошев, концерт-мајстор – Верица Ламбевска, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска. На концертот ќе настапат оперските уметници: Славица Петровска-Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети-Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас). Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Подготвено од А.Ѓ.