01.12.2022 Скопје
Тојота БЗ4Икс го немаше најдобриот старт на пазарот бидејќи најпрво производството беше стопирано поради ризикот да отпаднат тркалата, а сега се поставуваат прашања за валидноста на бројките на Тојота за опсегот на електричниот автомобил.
Во спроведеното тестирање БЗ4Икс успеал да помине само половина од километрите за кои јапонската компанија тврди дека може да ги помине.
Верзијата со погон на две тркала има официјален ВЛТП опсег од 504 километри, но успеала да помине само 246 километри пред следното полнење, што значи дека постигнала помалку од 49 отсто од декларираниот опсег. Верзијата со погон на сите тркала се покажала уште полошо, откажувајќи се по само 215 километри, иако ВЛТП бројките на Тојота велат дека треба да помине 461 километар, а тоа е помалку од 47 отсто од декларираното.
Што е уште поважно, автомобилите на Тојота имале полоши перформанси од другите електрични автомобили тестирани во слични услови односно тестот бил спроведен во Скандинавија во зима, каде што не се баш идеални услови за батеријата, но секако не станува збор за поларни минусни температури, резултатите биле постигнати на температура од 4 Целзиусови степени.
Тесла модел ипсилон лонг рејнџ, измерил 355 километри наспроти официјалната бројка од 507 километри, што значи дека остварил 70 отсто од ВЛТП километражата, а и мерцедес и-кју-а и фолксваген ИД.4 не се далеку зад теслата, со 67 отсто од декларираниот опсег.
Тојота Европа и централата на Тојота во Јапонија ќе спроведат истрага на резултатите кои не се изолирани бројки, и ќе ги споредат со бројките од тестирањето во Норвешка и Шведска, заедно со нивното искуство со БЗ4Икс.
Подготвено од М.Н.