13.12.2022 Скопје
Денес во хотелот „Мериот” во Скопје, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ќе одржи прес-конференција каде што главен акцент ќе биде ставен на темата „Предизвици со кои се соочуваат жените, мајките и децата од руралните населени места и од ромските средини во пристапот до здравствена заштита”.
Наодите од истражувањето, кое го има спроведено ЕСЕ, ги детектираа клучните проблеми со кои се соочуваат жените од руралните средини во пристапот до услугите за женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата, каде дури 32 отсто од жените од рурални средини не посетуваат гинеколог дури ни кога имаат потреба од тоа.
Иако мнозинството од жените од рурални средини имаат избрано матичен гинеколог, сепак оддалеченоста на ординациите на матичните гинеколози од руралните средини, недоволниот број на матични гинеколози во регионите, проследено со финансиските трошоци за пат, како и наплаќањата од страна на матичните гинеколози се клучните причини за оваа состојба.
Од ЕСЕ истакнаа дека жените од руралните средини се несоодветно опфатени и со програмата за скрининг на рак на грлото на матката, каде за период од четири години само 26 проценти од овие жени биле впишани во системот на овој скрининг.
Видно се бележат и бариери во пристапот до здравствена заштита за време на бременоста кај жените од руралните средини, па така осум отсто од бременостите поминуваат без ниту една здравствена контрола, додека жените кои одат на преглед прават пет до шест здравствени контроли за време на бременоста, наместо потребните осум до 10 прегледи.
Од Здружението ЕСЕ истакнаа дека за сите овие теми ќе имаат подетално излагање на закажаната прес-конференција која ќе се одржи во текот на денешниот ден во Скопје.
Подготвено од М.Н.