23.12.2022 Скопје
Светската здравствена организација соопшти дека болниците во Кина се полнат поради загриженоста за нов бран Ковид-19 што ја погоди земјата.
Д-р Мајкл Рајан вели дека единиците за интензивна нега се зафатени и покрај тоа што официјалните лица велат дека бројот е „релативно низок“. Кинеските бројки покажуваат дека изминативе денови никој не починал од Ковид, но постои скептицизам за вистинското влијание на болеста.
Во последниве денови болниците во Пекинг и другите градови се полнат додека најновиот наплив на Ковид ја погоди Кина.
Од 2020 година, Кина воведе строги здравствени ограничувања како дел од таканаречената политика на нула Ковид. Но, владата ги прекина повеќето од тие мерки пред две недели поради нивното значително влијание врз економијата.
Бројот на случаи оттогаш се зголеми, зголемувајќи ги стравувањата за висока стапка на смртност кај постарите лица, кои се особено ранливи. И покрај порастот, официјалните бројки покажуваат дека само пет лица починале од Ковид во вторникот и две во понеделникот.
Шефот за итни случаи на СЗО, д-р Рајан, ја повика Кина да обезбеди повеќе информации за најновото ширење на вирусот. Тој истакна дека во Кина, она што е пријавено е релативно низок број на случаи во ИЦИ, но анегдотски единиците за интензивна нега се полнат. Воедно, додаде дека сето ова го кажуваат со недели дека овој високо заразен вирус секогаш ќе биде многу тешко целосно да се запре, само со јавно здравствени и социјални мерки, истакнувајќи дека вакцинацијата е излезна стратегија.
Кина разви и произведе свои вакцини, за кои се покажа дека се помалку ефикасни во заштитата на луѓето од сериозна болест и смрт од Ковид, отколку вакцините mRNA кои се користат во поголемиот дел од остатокот од светот.
Подготвено од А.Ѓ.