Image by jcomp on Freepik

01.12.2022 Скопје

Денес, 1-ви декември, се одбележува Светскиот ден за борба против сидата и тоа е шанса луѓето ширум светот да се обединат во борбата против ХИВ, да покажат поддршка кон луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА и да се сетат на оние кои починале.

Светскиот ден за борба против сида за првпат е одбележан во 1988 година и е прв глобален ден за здравјето. Денес науката доста напредна во терапијата за ХИВ и постојат закони кои ги штитат лицата кои живеат со ХИВ. Но и покрај тоа, луѓето воглавно не знаат како да се заштитат себе и другите од ХИВ и стигмата и дискриминацијата останаа реалност за многу луѓе кои живеат со ХИВ.

Светскиот ден за борбата против сида е важен да ја потсети јавноста и владите дека ХИВ не исчезнал, дека постои и понатаму витална потреба да се соберат средства, подигне свеста, победат предрасудите и да се подобри образованието. Иако овој ден е добра шанса пошироката јавнност да почне да зборува за тоа и да се спроведе знаењето во акција, не смееме да заборавиме колку е важно да се јакне свеста за ХИВ во текот на цела година.

Според Светската здравствена организација (СЗО), ХИВ и понатаму останува глобален проблем за јавното здравје. Повеќе од два милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО се погодени од ХИВ.

Оценката на СЗО е дека во последните неколку години нема напредок кон постигнување на целите за ХИВ. Намалени се ресурсите, а како резултат на тоа, голем број животи се загрозени.

Во земјава, до 2022 година од ХИВ/СИДА починале 123 лица, а 451 лице живее со ХИВ/СИДА.

Во текот на октомври, согласно податоците објавени од Институтот за јавно здравје, регистрирани се пет нови случаи . Сите пријавени се со ХИВ. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.

За ХИВ/СИДА не постои лек, но постојат лекови што ја успоруваат болеста. Со цел да се заштитите од ХИВ/СИДА потребно е да се практикуваат сигурни сексуални односи со користење на кондом. За да дознаете дали сте позитивни на ХИВ потребно е да се направи тест. Тестот за ХИВ се препорачува да се направи најмалку три месеци, а во некои ситуации и до шест месеци од ризичното однесување.

Од СЗО ги повикуваат глобалните лидери и граѓаните да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за клучните популации – мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, затвореници и мигранти – и нивните партнери.

Светскиот ден за борбата против СИДА можете да го поддржите со подигање на свеста на луѓето за ХИВ и сида во својата околина, со носење на црвена панделка и предложување на другите лица да го направат истото, со заштитување на самите себе и ќе се запре ширењето на ХИВ, а доколку мислите дека постои причина, тестирајте се на ХИВ.

Црвената панделка е меѓународен симбол кој ја одразува свеста за постоење на ХИВ/СИДА. Триесет години после првите случаи на ХИВ, црвената панделка е универзален симбол на свест и поддршка на оние кои живеат со ХИВ. Луѓето ги носат во текот на цела година, а посебно во време на 1-ви Декември – Светскиот ден за борба против HIV/AIDS како би ја изразиле својата загриженост за ХИВ и сида и луѓето кои живеат или се опкружени со нив.

Црвената панделка е прва панделка која стана симбол и подоцна инспирираше разни верзии како што е на пример, розевата панделка за борба против рак на дојка. Речиси деценија после појавата на ХИВ, во 1991-ва година, група од 12 уметници се собрале како би создале визуелен израз на разбирање за луѓето кои живеат со или се загрозени со ХИВ и тоа со цел како би ја подигнале свеста и навеле луѓето да зборуваат за ХИВ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author