15.12.2022 Скопје
Министерството за образование и наука и првиот човек на институцијата Јетон Шаќири најавија дека првите средства за субвенциониран оброк студентите ќе ги добијат до 15 декември, но тоа денеска не се случи.
МОН ги проверува податоците, а студентите уште чекаат одговори на електронските апликации во системот „е-услуги“ за тоа дали оваа финансиска мерка им е одобрена, процес што треба да се случи пред да започне исплатата на средствата.
По завршувањето на средбата во Собранието на 14 ноември меѓу претставниците на студентските собранија и организации и државните институции, двете страни изјавија дека е постигнат договор околу спорните критериуми што ги предвидуваше претходниот предлог закон. Спорните критериуми, според договореното, беа отстранети и беше соопштено дека до месец март студентите средствата за оброк ќе ги добиваат како и минатата година и ќе се исплаќаат ретроактивно на месечно ниво на трансакциските сметки. Притоа, министерот за образование Шаќири во изјава за медиумите рече дека до 15 декември, студентите ќе ги добијат средствата што им следуваат за месеците октомври и ноември.
Измените на Законот за субвенциониран оброк со кои се овозможи важење на мерката и за оваа академска година, собраниските пратеници ги изгласаа на 18 ноември. Повикот за пријавување до студентите беше објавен на 25 ноември и важеше до 3 декември.
Иако беше најавено, студентите до средината на декември не добија исплата на првите средства за субвенциониран студентски оброк.
Според најавеното, при првата исплата студентите-бруцоши во прва година на студии треба да добијат средства за месеците октомври и ноември, додека студентите од втора и повисоките години ќе добијат исплата на средствата и за половина септември.
Останува да се види какво решение ќе најдат институциите за субвенционираниот оброк да почне да функционира онака како што беше замислен при донесувањето на законот во 2020 година.
Подготвено од А.Ѓ.