06.12.2022 Скопје
Вчеравечер, САД соопштија дека не гледаат знаци што укажуваат дека ситуацијата на жените во Иран ќе се подобри по ненадејната одлука за укинување на полицијата за морал.
Портпаролот на Стејт департментот, одбивајќи да ги коментира двосмислените и нејасни изјави на иранските власти, изјави дека за жал, нема индиции дека иранските лидери подобро ќе се однесуваат со жените и девојките или ќе престанат да користат сила против мирните демонстранти.
Ентони Блинкен, шефот на американската дипломатија, оцени дека останува да се види дали режимот ќе ги земе во предвид аспирациите на иранскиот народ изразени на протестите.
Државниот секретар на маргините на трговските преговори со Европската унија во Вашингтон истакна дека обидите за репресија, употребата на сила, апсењето луѓе, не се знак на сила, туку на слабост.
Веста за укинувањето на полицијата за морал, што викендов ја објави иранскиот јавен обвинител, се смета за чин на добра волја кон демонстрантите, но некои ирански активисти за човекови права се сомневаат во нејзината вистинитост. Дополнително, оценуваат дека укинувањето на оваа полиција нема да влијае на обврската за носење хиџаб, што е на сила од 1983 година.
Економско-социјалниот совет на ОН следната недела треба да гласа за исфрлање на Иран од Комитетот за правата на жените на ОН.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, вчера го обвини Вашингтон дека го турка Иран кон излез „со помош на некои европски земји, што е незаконски обид со политичка цел”
Подготвено од А.Ѓ.