05.12.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска го презентираа новиот предлог Буџет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2023 година.
Премиерот Ковачевски посочи дека следната година секторот земјоделство го има најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање, и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството.
Вкупниот предлог буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во кој што се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектираниот треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст.
Премиерот Ковачевски истакна дека најголем дел од средствата се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што има и најголемо зголемување. Воедно, додаде дека во 2023 година, Агенцијата ќе располага со 140 милиони евра од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.
Предлог Буџетот за земјоделство за 2023 година се темели на неколку цели, како што се почетокот на авансната исплата на субвенциите и навремена исплата на сите субвенции, одржливо и зголемено домашно производство на храна, капитални инвестиции, зголемени инвестиции преку програмата за рурален развој и модернизација на македонското земјоделство.
Како што соопшти премиерот Ковачевски, во 2023 година започнува најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведува новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите, со што земјоделците ќе имаат авансна исплата на субвенциите и ќе ги добиваат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство.
И наредната години продолжува реализацијата на Планот за производство на храна заедно со Интервентната програма, кои согласно тековните состојби ќе се дополнуваат со нови мерки за помош на земјоделците и за зголемување на домашното производство на храна во услови на криза.
Зголемувањето на домашното производство е директно условено од капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура и наводнувањето на земјоделските посеви.
Во 2023 година со предлог Буџетот, продолжуваат инвестициите преку мерките од Програмата за рурален развој, како што е поддршката за малите винарии, за жените земјоделки, за развој на задругите, за младите земјоделци.
Подготвено од А.Ѓ.