23.12.2022 Скопје
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, оцени дека поради недостатокот на јасна програма за пречек на Новата година, Градот Скопје не е доволно конкурентен со останатите метрополи и поголеми градови во регионот.
Јаневски на вчерашната прес-конференција истакна дека во 2022 година недостасуваат организираните тури, но и поголема не само промоција на Скопје како главен град, туку како бизнис центар кој треба да функционира во текот на 12 месеци. Воедно, додаде дека има и недостаток на манифестации и на јасна програма за пречек на Новата година и кои ѕвезди ќе настапат и поради тоа нашите туроператори беа оневозможени да го промовираат и да го стават Скопје во програма за пречек на 2023 година.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот нагласи дека доколку се направи компарација со Ниш, може да се согледа дека Ниш уште минатиот месец знаеше кој ќе биде на плоштадот за Нова година, која е програмата и уште на крајот на ноември беа распродадени комплетните сместувачки капацитети.
Јаневски потенцира дека голем број на домашни туристи ќе останеа во главниот град и во другите македонски туристички центри доколку ги имаа програмите за пречек на 2023 година, а на ваков начин ќе има одлив на домашни туристи и многу помал број на странски туристи за пречекот на Новата година.
Како што укажа Јаневски, Охрид има посолидна програма за пречекот на Новата 2023 година, затоа што е веќе објавена на нивниот сајт и туристите можат да видат што и како ги очекува за новогодишната ноќ.
Во иднина, Јаневски очекува многу порано да ги знае ѕвездите кои ќе настапуваат, многу појасно да бидат третирани, а туристичките сектори во локалниот економски развој да имаат презентации пред туроператорите што нуди градот за новогодишните празници. Воедно, ги охрабрува се повеќе и повеќе а создаваат манифестации кои ќе третираат регионални и европски сегменти на туристичка понуда, истакнувајќи дека ако Скопје го има Скопскиот маратон треба да има ефект од тоа во туристичката индустрија и секоја година да расте и да стане брендирана манифестација, а тоа треба да се случува и со останатите спортски манифестации и настани од културен карактер.
Подготвено од А.Ѓ.