20.12.2022 Скопје
Скопје и Будва влегоа во потесниот избор на конкурсот за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година во земји на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат се наведува во соопштението на веб-страната на Европската комисија.
Влегувањето во потесниот избор за титулата ЕПК 2028 може да резултира со значителни културни, економски и социјални придобивки за градовите, под услов нивната понуда да е предводена од долгорочна развојна стратегија за културата.
Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година, а градовите имаат рок до јуни 2023 година да ги комплетираат своите апликации.
Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот, исто така мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот.
Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија која е започната во 1985 година, идејата за ЕПК се иницира по предлог на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури.
Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидатки за Европска Унија.
Во 2014 година за прв пат Град Скопје ја најави идејата за кандидатура за титулата Европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот.
Подготвено од М.Н.