https://earthquake.usgs.gov/earthquakes/eventpage/nc73821036/map

20.12.2022 Скопје

Си-ен-ен јавува дека земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа Еурека во Северна Калифорнија утрово.

Според Американскиот геолошки институт, земјотресот ги разбудил луѓето од сон, притоа оставајќи илјадници луѓе без струја и оштетувајќи најмалку еден мост.

Земјотресот се случил во 2:34 часот по полноќ и бил со епицентар во Пацификот веднаш до брегот на океанот, на околу 7,5 милји од градот Ферндале во округот Хумболт.

Повеќето домови и бизниси во округот Хумболт беа без струја. Повеќе од 71.000 прекини во снабдувањето со струја се пријавени кратко по земјотресот.

Потресот направил пукнатини на мостот во Ферндале и истиот е затворен за сообраќај.

Сеизмолошките извештаи покажуваат дека повеќе од дваесетина помали земјотреси со јачина од 4,6 степени ја погодија областа по главниот потрес. Главниот земјотрес предизвика барем неколку помали потреси долж крајбрежјето од Орегон до јужно од Сан Хозе, Калифорнија.

Денешниот земјотрес доаѓа точно една година по земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што ја погоди приближно истата област. Земјотресот го погоди Кејп Мендосино во округот Хумболт на 20 декември 2021 година и предизвика помали оштетувања на зградите во областа.

Американските власти соопштија дека засега нема закана од цунами која би била поврзана со земјотресот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author