28.12.2022 Скопје
Денеска, шестмина студенти кои се станари во студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода пријавиле симптоми на труење со храна.
Храната што била послужена вчера за ручек и за вечера, а која има сомнежи дека не била безбедна за консумирање, ја јаделе вкупно 600 студенти-станари во домот.
Агим Фејзулаху, директор на домот, истакна дека имаат законска обврска да ги чуваат примероците од таа храна и затоа денеска имаат дојдено инспектори кои земале мостри. Воедно, додаде дека додека не добијат одговор од нивните испитувања, не можат да знаат дали труењето е предизвикано од храната која се подготвува во домот.
Двајца од студентите кои пријавиле дека имаат симптоми на труење, се хранеле и со пица која ја купиле во маркет, па затоа во овој момент не се знае со сигурност која храна го предизвикала труењето.
Од движењето Студентски отпор искочија со соопштение до јавноста, во кое се наведува дека се згрозени од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники. Па, затоа прашуваат јавно, „ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како тоа што беше фамозниот „ручек со студентите’’ на премиерот?“.
Подготвено од А.Ѓ.