12.12.2022 Скопје
Во текот на ноќта во северниот дел од Косово немаше инциденти, но тој дел е и понатаму блокиран од граѓани од српска националност и од страна на полицијата на Косово.
Српските и косовските медиуми јавуваат дека иако на блокадите е мирно, тензиите се високи.
Премините Јариње и Брњак на северот на Косово се уште се затворени за пешаци и сообраќај, а единствениот начин за премин е преку Мердаре.
Од Јариње до Звечан има неколку барикади, а најмногу луѓе има на барикадата кај Рударе, каде сообраќајот од Звечан кон Приштина е целосно блокиран.
Денеска училиштата на северот на Косово нема да работат, а блокади има и на патниот правец Митровица – Зубин Поток, кон точката Брњак.
Ден откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата, а властите во Приштина и претставниците на Европската унија и САД побараа отстранување на барикадите, претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги повика Србите да не „паѓаат на провокации” и да не да ги напаѓаат ЕУЛЕКС и КФОР.
По синоќешната седница на Советот за национална безбедност, Вучиќ изјави дека „на терен се води тешка борба за опстанок на еден народ во неговите огништа, каде што косовската полиција нема право да биде на север, освен во согласност со бриселскиот договор”.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите од северот на Косово треба веднаш да се отстранат и дека косовските власти се во постојан контакт со НАТО и мисијата КФОР, како и дека работат на „брзо и мирно решавање на ситуацијата”.
Американските власти изразија длабока загриженост за актуелната ситуација на северот на Косово и повикаа на максимална воздржаност и активности за намалување на тензиите.
Амбасадите ги повикаа страните да работат во рамките на Дијалогот предводен од Европската унија .
Поради тензиите, претседателката Вјоса Османи ги одложи локалните избори во четири општини закажани за 18 декември, за април 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.