19.12.2022 Скопје
Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Франција, е отворена 17. самостојна изложба на македонскиот мултимедијален уметник Страхил Петровски.
Петровски пред париската публика се претстави со видеоинсталацијата/проектот „Синергија во времето“, реализиран на Спомен-костурницата во Велес во рамките на Европските денови на културното наследство, на тема „Одржливо наследство“. Куратор на проектот е историчарот на уметноста Златко Теодосиевски.
Престојот на уметникот во „Сите дес артс“ и изложбата, која ќе биде поставена во Париз до 24 декември, се резултат на добиената награда гран при на годинашниот Зимски салон на ДЛУМ.
Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и македонската Амбасада во Париз.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.
Подготвено од А.Ѓ.