virus deca

09.12.2022 Скопје

Лекарите во многу земји известуваат за зголемување на инфекциите со респираторниот синцицијален вирус (РСВ), честа детска болест која може да ги погоди и возрасните.

Германските експерти информираат дека до вториот роденден речиси сите деца ќе добијат РСВ инфекција со благи симптоми. Воедно, сметаат дека промените во социјалното однесување за време на пандемијата на коронавирус придонеле за зголемување на бројот на заразени, па малите пациенти зимава ги „преплавија“ болниците.

Лекарите од Германското здружение на Педијатри (BVKJ) предупредуваат дека иако во повеќето случаи се работи за лесна болест со симптоми слични на настинка, РСВ може да биде сериозен проблем и да бара хоспитализација, особено кога меѓу нив има и доенчиња под четири месеци и деца со хронични заболувања. Исто така, потсетуваат дека респираторниот синцицијален вирус може да резултира со развој на бронхиолитис, воспаление на дишните патишта во белите дробови (бронхиоли) што предизвикува отежнато дишење, особено издишување.

Бронхиолитисот се карактеризира со отекување на слузницата на бронхиолите и акумулација на слуз што го отежнува дишењето и може да доведе до пневмонија.

Д-р Улрих Фегелер од БВКЈ истакна дека сигнал за тревога за родителите треба да биде моментот кога ќе забележат дека детето има очигледни тешкотии со дишењето, дека дише побрзо од вообичаено и во исто време „свирка“ од белите дробови, особено при издишување.

Покрај треската и кашлицата, дополнителен знак на болест е кога детето изгледа невообичаено уморно и летаргично. Фегелер, исто така, вели дека и родителите треба сериозно да го сфатат проблемот со недостаток на апетит.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author