https://vlada.mk/node/31385

13.12.2022 Скопје

На годишната конференција за децентрализација и локално управување „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов рече дела подобрувањето на системот на локалната самоуправа е обврска на Министерството за локална самоуправа.

Пенов додаде дека треба посериозно да се работи на зајакнувањето на капацитетите на локалната администрација, затоа што секој јавен повик за проекти покажува дека тоа во наредниот период ќе биде најголем предизвик.

Според Пенов, локалната самоуправа е најдинамичниот, најжив сегмент од политичкиот систем, затоа што е најблиску до граѓаните. Воедно, додаде дека постои висок степен на децентрализација на надлежностите, локалните власти имаат големи одговорности и секаде во секоја општина главна тема се финансиските ресурси, проблемите предизвикани со цената на струјата, како да се сервисираат училиштата, детските градинки. Исто така, верува дека на локалните власти не им е лесно да се справат со последиците, како што не и е лесно ниту на Владата.

Министерот Пенов истакна дека е бара начин како оваа година средствата од буџетот, но и од донаторите да се насочат кон проекти кои што ќе им помогнат на општините да бидат енергетски ефикасни и да заштедат енергија. Исто така, додаде дека фискалната децентрализација ќе помогне да се зголемат приходите од ДДВ и од персоналниот данок, се воспоставуваат нови механизми – фонд за воедначување и фонд за перформанси. Но, паралелно, според Пенов и општините треба да покажат резултати во наплатата на данокот на имот.

Според министерот Пенов, во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ улогата на општините станува се поважна, тие се клучни субјекти во регионалната политика на ЕУ. Министерот истакна и дека сега за општините директно се достапни средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка, а минатата недела го најавиле ИПА 3 Програмата меѓу Република Северна Македонија и Бугарија и нови 31 милион евра за проекти за двете држави кои што се имплементираат во општините.

Пенов додаде и дека во вториот ИПА Програмски период во општините се имплементирани над 200 проекти за прекугранична соработка.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author