https://www.facebook.com/ussukim/photos/178815567071701

16.12.2022 Скопје

Министерството за образование и наука соопшти дека пониските стипендии што ги земаат студентите ќе бидат изедначени на повисокиот износ, а изедначување ќе има и кај ученичките стипендии. Воедно, на студентите и учениците кои од минатата година продолжија да ги земаат старите и пониски стипендии ретроактивно ќе им биде доисплатена разликата.

Проблемот со стипендиите се актуелизираше минатото лето кога беше најавено покачување на сите студентски стипендии кои дотогаш изнесуваа околу 3.000 или 4.000 денари на 6.050 денари. Кога МОН го објави конкурсот во септември, стана јасно дека повисоките стипендии ќе важат само за студентите што ќе аплицираат почнувајќи од академската 2021/2022 година, додека оние студенти што аплицирале за стипендија во некоја од претходните академски години, ќе продолжат да ги земаат старите и пониски суми.

Реакциите на студентите пламнаа веднаш по објавувањето на конкурсите, а беше покрената и онлајн петиција која собра над 8.000 потписи. Во петицијата студентите бараа зголемените износи да важат за сите студенти, наместо некои да бидат фаворизирани во однос на другите. Во петицијата студентите обвинија дека се врши дискриминација и дека со условите во конкурсите се прави поделба меѓу студентите.

Меѓутоа, за условите според кои државата доделува стипендии, студент и ученик во средно образование упатиле претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). И во двата случаи членовите на КСЗД едногласно утврдиле индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на правото на еднаков третман при користењето на стипендиите во повисок износ, извршено од страна на МОН. Во одлуката на КСЗД пишуваше дека политиката за стипендирање на Министерството, дел од студентите и учениците ги става во понеповолна положба во однос на останатите нивни колеги и соученици.

Согласно своите законски надлежности, Комисијата му препорача на МОН да изготви нова Предлог- програма за измени на Програмата за студентскиот и ученичкиот стандард за изедначување на износот на стипендиите за сите ученици и студенти. КСЗД упатила препорака и до Владата на Република Северна Македонија да го прифати предлогот на МОН за изедначување на стипендиите.

Поради непостапувањето на МОН до неодамна, од КСЗД најавија дека ќе поведат прекршочна постапка против Министерството, која подоцна беше запрена откако МОН прифатило изедначување на стипендиите и чекаше одобрение од Владата.

Неделава неколку собраниски пратеници на своите канали на социјалните мрежи објавија дека бил усвоен нивниот амандман со кој биле обезбедени средства во износ од 370 милиони денари за субвенциониран студентски оброк и за изедначување на вредноста на стипендиите на старите со новите стипендии.

Од МОН велат дека откако проектираниот износ ќе биде префрлен во нивниот буџет, ќе следи ретроактивна исплата на учениците и студентите кои минатата година земаа пониски стипендии.

На студентите и учениците кои беа оштетени минатата учебна година ќе им биде доисплатена разликата меѓу пониските и повисоките стипендии. Според најавата, оштетените студенти и ученици прво ќе добијат исплата на разликата за минатата година, а потоа и за тековната учебна година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author