20.12.2022 Скопје
Илон Маск, сопственикот на Твитер, се обрати за првпат на социјалната мрежа откако повеќе од 10 милиони корисници гласаа за тој да се повлече од местото извршен директор на компанијата.
Во твитот, Маск напиша дека само претплатените корисници на „Твитер Блу“ функцијата ќе можат да гласаат на идните анкети кои се однесуваат на политиките на компанијата.
Во неделата, Маск ги праша корисниците на Твитер дали треба да се повлече од директорското место во компанијата, ветувајќи дека ќе се придржува до резултатите од анкетата.
Кога гласањето беше затворено, 57,5 отсто од тие што одговориле на анкетата гласале за повлекување на Маск.
Неколку часа по завршувањето на анкетата, Маск не објави ниту еден твит, а неговиот молк беше прекинат кога тој одговори на повеќе коментари дека резултатите на анкетата биле „искривени“ од лажните кориснички сметки.
Во одговор на корисник кој искоментира дека е потребно само претплатниците на „Блу“ функцијата да можат да гласаат на анкети кои се однесуваат на политиките на Твитер, Маск напиша „Добра поента. Твитер ќе направи ваква промена“.
„Твитер Блу“ подразбира претплата која му дозволува на кој било корисник да купи син беџ со кој се потврдува неговиот идентитет на платформата.
Во неделата, Илон Маск забрани на Твитер да се поставуваат линкови до другите социјални мрежи како ривалот Мастодон, Инстаграм, Фејсбук и некои помали платформи. Ваквата забрана подоцна беше повлечена.
Подготвено од А.Ѓ.