05.12.2022 Скопје
Самитот ЕУ – Западен Балкан ќе се одржи утре во Тирана, а главната порака на Самитот е потврдување на клучното значење на стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, како регион со јасна ЕУ перспектива.
Како што е најавено, клучни теми на Самитот се заедничко справување со последиците од руската агресија врз Украина со фокус на негативните ефекти врз енергетската безбедност и достапноста на храна во регионот, но и за разгледување на координирани активности на безбедносните и одбранбени прашања, како што е борбата против дезинформации од странство и подобрувањето на колективната кибер безбедност.
Самитот е прв самит меѓу ЕУ и Западен Балкан во една од шесте земји во регионот.
Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе разговараат за продлабочување на политичкото учество, со особен фокус на младите, како и за заедничко справување во насока на менаџирање на миграцијата долж рутата на Западен Балкан, што подразбира и усогласување на ЕУ политиката на визна либерализација и соработка за системот на репатријација.
На Самитот се поканети сите 27 земји членки на ЕУ и партнерите од сите шест земји од регионот на Западен Балкан. Присуството на претседателот на Србија Александар Вучиќ се уште не е потврдено, но ЕУ претставниците на денешниот брифинг во пресрет на Самитот, изразија увереност дека Србија ќе биде претставувана на највисоко ниво.
Пред почетокот на Самитот, се очекува телеком оператори од земјите од регионот и ЕУ да потпишат декларација, како прв чекор за намалување на цените на роаминг од октомври 2023 година.
Лидерите се очекува на крајот да усвојат заедничка декларација.
Во однос на усогласеноста на текстот од декларацијата и дали е потврдена од сите лидери, ЕУ претставниците на денешниот брифинг изразија увереност сите шест земји од регионот на Западен Балкан ќе ја потпишат и со тоа ќе биде пратена силна порака.
За тонот на декларацијата и дали ќе има и некои политички пораки од Самитот, ЕУ претставниците брифираат, дека важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот ќе биде во фокусот, исто како и реафирмирање и забрзување на интегрирањето на регионот во ЕУ, но и тоа дека земјите ќе се движат повеќе и побрзо ако се партнер кој презема реформи и ги почитува принципите на ЕУ, како владеење на правото, правната држава и политики на добро владеење, со акцент дека не е само носење закони и реформи, туку и нивно спроведување и градење на добар трак рекорд во таа насока.
Подготвено од А.Ѓ.