06.12.2022 Скопје
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во обраќањето на 18. меѓународна конференција e-Општество.мк, посветена на „Кибер отпорност за слобода и безбедност”, соопшти дека Република Северна Македонија стана 103. членка на Глобалниот форум за сајбер експертиза, организација во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата сајбер безбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, ОН, ЕУ, Совет на Европа, Интерпол и други, како и стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема.
Владата на Република Северна Македонија со сите министерства и институции кои се посветени на оваа област, во рамките на GFCE ќе работат на четири теми: политики и стратегии, менаџмент на инциденти и заштита на инфраструктурата од сајбер напади, сајбер криминал, сајбер култура и градење на капацитети.
Грковска информираше дека наредната недела, во соработка со E-governanceacademy, организација од Естонија која ги помага процесите на дигитална трансформација во повеќе држави, ќе биде организирана симулациска вежба за сајбер безбедност „Strategic Cyber security table-top exercise”, на кои ќе присуствуваат претставници од речиси сите министерства во Владата и владини агенции кои имаат надлежност во делот на сајбер безбедноста. Воедно, додаде дека целта на оваа симулациска вежба за сајбер безбедност е подигање на свеста за сајбер заканите кај високото раководство, развивање на вештини за управување со сајбер кризи, увид во организациската поставеност при донесување одлуки при вонредна состојба и информирање за стратегиите и акциските планови за справување на ризици.
Исто така, Грковска истакна дека оваа симулациска вежба треба да овозможи подобар одговор на владините институции на евентуални сајбер напади, закани што стануваат се пореални и во нашето општество, а воедно и да се обучат носителите на одлуки при вакви напади.
Дигитална трансформација на општеството е процес што треба да биде сеопфатен, да се обезбеди целосен консензус, а со тоа да се обезбеди и континуитет.
На сајбер безбедноста, како што истакна Грковска, не треба да гледаме како на трошок, туку како на инвестиција која од една страна ја штити нашата држава и нашите граѓани од надворешни напади, но од друга страна овозможува и јакнење на довербата на граѓаните во институциите и во системот.
Државниот секретар за одбрана Владимир Анчев зборувајќи за украинската војна, кризата и водењето неконвенционална војна, исто така, со кибер напади, како и зголемувањето на потребата за користење на технологијата ја зголемува потребата на земјата за воспоставување систем за сајбер одбрана.
Се осврна на она што, меѓудругото, го презема министерството за одбрана во однос на сајбер одбраната на земјата. Креиран е воен тим за одговор на сајбер просторот кој во мометов ги детектира потребите од персонал и за развој на човечките способности и вештини, во НАТО активности и воени вештини, се инвестира во кадри и нивно задржување особено во системот за сајбер одбрана.
Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, истакна дека се проценува дека еден трилион американски долари е штетата што е предизвикана од кибер напади во светски рамки односно дека станува 1 процент од БДП.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп истакна дека не треба само да се зборува за проблемите со сајбер безбедноста туку истовремно дека треба да се работи на изнаоѓање системски одговори на овие предизвици. Исто така, посочи на низа проекти што ги поддржуваат, а се однесуваат на сајбер безбедноста.
Кога се работи за сајбер безбедноста, истакна во своето обраќање англискиот амбасадор Метју Лосон, размислете кој го поседува интернетот, кој го користи и кој го регулира и за да се најде баланс помеѓу слободата и користењето на интернет е исклучителен предизвик и задача.
Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, меѓудругото, истакна дека е од суштинска важност посветено и инклузивно да се работи на негување на култура на кибер-отпорност, заеднички со сите засегнати страни, како и дека во последниот период сите земји од регионот се засегнати од кибер напади.
Годинашното издание на е-Општество.мк се состои од седум панел дискусии, два инспиративни говори, една ТВ дебата и едно прикажување на филмот „Сестри” од Дина Дума (во Кинотека).
Конференцијата ќе содржи и дискусии за дезинформациските наративи, ефектите од дезинформациите и странските штетни влијанија врз демократијата на Република Северна Македонија, како и за безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите.
Подготвено од А.Ѓ.