20.12.2022 Скопје
САД упатија обвиненија кон генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш дека очигледно попуштил пред руските закани бидејќи не испратил официјални лица во Украина за да ги проверат беспилотните летала што ги користи Русија, за кои Вашингтон тврди дека се од Иран.
Тие очекуваат Гутереш да испрати официјални лица во Киев за да го истражат проблемот бидејќи доколку беспилотните летала се од иранско производство Русија ја прекршува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година односно иранскиот нуклеарен договор.
Минатиот месец Гутереш изјави дека претставниците на ОН ги испитуваат достапните информации и дека сите наоди ќе им бидат достапни на властите во догледно време.
Иран претходно призна дека ја снабдувал Москва со беспилотни летала, посочувајќи, дека тие биле доставени пред Русија да ја нападне Украина, но Русија негира дека нејзините сили користат ирански беспилотни летала во Украина и тврди дека претставниците на ОН немаат мандат во Киев да го истражуваат потеклото на беспилотните летала.
Подготвено од М.Н.