28.12.2022 Скопје
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ја потврди мерката со која се дозволува депортација на мигрантите фатени на границата меѓу САД и Мексико, воведена за време на пандемијата „Ковид-19″.
Со пет наспроти четири гласа, највисокото судско тело гласаше за продолжување на мерката наречена „Наслов 42″, која според податоците од 2020 година е применета во околу 2,5 милиони случаи.
Во март 2020 година, администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп ја активираше таквата мерка за да може моментално да бидат депортирани мигрантите без документи, уапсени на копнените граници, вклучително и потенцијалните баратели на азил.
Самата мерка е итна и не дозволува правен лек. Предвидени се ретки исклучоци, за одредени националности како Украинците поради инвазијата на Русија во нивната земја или за малолетници без придружба.
Активистите за човекови права и експерти сметаат дека тоа е кршење на меѓународното право. За нив, сегашниот систем само ги охрабрува мигрантите тајно да ја преминуваат границата и да преземаат зголемени ризици минувајќи ја границата преку пустини или реки.
Независно, укинувањето на мерката беше оспорено од 19 американски сојузни држави кои стравуваа од прилив на мигранти на границата со Мексико.
Врховниот суд сега ја задржа мерката на неодредено време, со што ги урна надежите на претставниците на емигрантите кои очекуваа нејзино укинување.
Мерката ќе остане на сила се додека Врховниот суд не одлучи за меритумот на случајот. Аргументите на обете страни ќе бидат сослушани во февруари 2023 година по што напролет ќе биде објавена конечната одлука.
Одлуката на Врховниот суд веднаш беше поздравена во републиканскиот табор.
Подготвено од А.Ѓ.