08.12.2022 Скопје
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ризикот рускиот претседател Владимир Путин да користи нуклеарно оружје во војната во Украина е намален како одговор на меѓународниот притисок.
Во интервјуто за медиумската група „Функе“ по повод неговата прва година на функцијата, Шолц рече дека војната продолжува со „ненамалена бруталност“, иако едно нешто засега е променето.
Шолц додаде дека Русија престанала да се заканува со употреба на нуклеарно оружје, што е реакција на црвената линија што ја означи меѓународната заедница.
Путин во средата рече дека ризикот од нуклеарна војна расте, но инсистираше на тоа дека Русија не „полудела“ и дека сопствениот нуклеарен арсенал го гледа како чисто одбранбено одвраќање.
Шолц оцени и дека Путин мора да ја прекине војната, но дека потоа ќе биде подготвен да разговара со Русија за контрола на оружјето во Европа, додавајќи дека тоа било понудено уште пред војната.
Бранејќи ја поддршката на Германија за Украина, за која критичарите во Киев и на други места во Европа велат дека е премногу воздржана, Шолц рече дека Германија е еден од најголемите поддржувачи на Украина после Соединетите држави.
Подготвено од А.Ѓ.