28.12.2022 Скопје
Кремљ соопшти дека ги поддржува обидите на Србија да ги заштити етничките Срби во северно Косово и ги отфрли обвинувањата на Приштина дека Русија поттикнува тензии за да сее хаос на Балканот.
Претходно косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла изјави дека Србија под влијание на Русија, сака да го дестабилизира Косово, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го отфрли ова тврдење и потенцираше дека „Србија е суверена држава и апсолутно е погрешно во тоа да се бара деструктивното влијание на Русија“.
Србите во етнички поделениот град Митровица, во северно Косово подигнаа нови барикади неколку часа откако Србија соопшти дека ја ставила својата војска во највисока борбена готовност.
„Со многу блиски сојузнички односи, историски и духовни односи со Србија, Русија многу внимателно следи што се случува, како се почитуваат и обезбедуваат правата на Србите“, рече Песков, и додаде дека секако, го поддржуваат Белград во акциите што се преземаат во моментов околу состојбата на северот на Косово.
Подготвено од М.Н.