13.12.2022 Скопје
Општата болница во Словењ Градец, Словенија, доби нов робот, кој заедно со својот претходник им помага на вработените во физички задачи што се прилично потешки.
Станува збор за ист робот како тој што веќе се користи во болницата, а е донација од компанијата „Виптроник“ и австрискиот „Суметцбергер“. Моментално и двата роботи се наменети за превоз на фармацевтски материјал, а вредноста на донацијата е неколку илјади евра.
Изгледот и функционалноста на новиот робот се идентични како на неговиот претходник, кој болницата го нарече „Девџеј“ и го користи веќе неколку месеци. Роботите ќе ја вршат истата работа, а тоа е превоз на фармацевтски материјал од болничката аптека до некои одделенија. Еден робот може да превезе до 250 килограми товар.
Од болницата велат дека донацијата помага во реализацијата на визијата што ја има општата болница во Словењ Градец, а тоа е дигитализација или роботизација на болницата. Воедно, додадоа дека технолошките трендови и иновации се двигател на развојот и конкурентноста, но и нови предизвици кои ќе ги подобрат условите за работа и безбедноста на работното место, со цел да се подобри медицинската грижа за пациентите.
Раководството на болницата истакнува дека сака да ги приспособи работните процеси на вработените за да не им недостига време за непосредна работа со пациентите, а истовремено да ги ослободи од тешка физичка работа како транспорт на медицински материјал, храна и отпад.
Подготвено од А.Ѓ.