13.12.2022 Скопје
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на Министерскиот состанок на САД – Јадранската Повелба, што се одржа во Подгорица, Црна Гора.
Во рамки на состанокот, Република Северна Македонија го презема претседавањето со Повелбата за 2023 година, кога се одбележува и 20 годишнината од нејзиното формирање.
Од Владата информираат дека во фокусот на разговорите била стабилноста на Западен Балкан во контекст на актуелната безбедносна состојба, предизвиците со кои се соочува регионот и начините на зајакнување на отпорноста на нашите општества, со цел поуспешно справување со овие кризи.
Министерот Османи во своето обраќање го истакна значењето на унапредување на регионалната соработка и потребата за засилување на заедничкиот, регионален придонес за зачувување на безбедноста и стабилноста на регионот, воедно нагласувајќи ја силната поддршка од САД во таа насока.
Пред почетокот на Министерскиот состанок на А5, министерот Османи имаше заедничка прес конференција со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на која ги претстави целите на претседавањето на Република Северна Македонија со Повелбата.
Османи истакна дека целта не е само да се зајакне, туку да ѝ се даде соодветна улога на А5 во нашиот регион, на некој начин, објасни дека преку еден нов концепт, или нов наратив, да се направи адаптација на целите и мисијата на Повелбата, соодветни на новите геополитички предизвици и новите околности во кои се наоѓа регионот. Воедно, нагласи дека за ревитализацијата на А5, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици, Република Северна Македонија има јасна американска поддршка, што беше тема на дискусија и за време на одржаниот стратешки дијалог со САД, во јуни, во Вашингтон.
Дополнително, министерот Османи нагласи дека нашето претседавање со А5 се совпаѓа и со претседателството со ОБСЕ во 2023 година, со што земјава презема значајна и одговорна улога на регионален и мултилатерален план. Исто така, истакна дека руската воена агресија врз Украина создаде сложени геополитички околности и нарушена безбедносна архитектура, па оттука претседавањето со безбедносните организации претставува посебен предизвик за нас.
Во рамки на посетата на Подгорица, Османи ќе оствари средба и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Подготвено од А.Ѓ.