14.12.2022 Скопје
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, учествуваше со свое обраќање на онлајн состанок на Европската мрежа за миграција.
Министерот Спасовски истакна дека Република Северна Македонија, како и повеќето европски земји, е изложена на зголемена миграција во рамките на процесот на глобализација. Воедно, додаде дека имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој се обидуваат на систематски начин да се вклучат во европскиот глобален пристап за справување со миграциите и нивните предизвици, потенцирајќи дека Република Северна Македонија е подготвена за преземање на улогата на набљудувач во рамките на Европската миграциска мрежа, при што потсети дека Република Северна Македонија беше првата земја на удар од мигрантската криза во 2015та година.
Министерството за внатрешни работи информира дека министерот Спасовски, воедно, има истакнато дека иако сме мала држава, со ограничени ресурси и капацитети, цврсто има застанато на браникот, како држава успешно се справи со кризата и придонесе за зачувување на благосостојбата не само на македонските граѓани, туку и на целото Европско тло.
Министерот Спасовски истакна дека Република Северна Македонија посветено работи и на изготвување на низа стратешки документи.
„Тука ќе ја споменам Резолуција за миграциска политика 2021-2026 со соодветен Акциски План, што претставува главен стратешки документ во областа на миграцијата. Исто така, изготвивме и Миграциски профил на Република Северна Македонија во кој се претставени релевантни статистички податоци за легалните и илегалните надворешни миграции и внатрешните миграции, како и нивна анализа врз основа на која се согледани трендовите во последната деценија. Уверен сум дека овие податоци ќе бидат од големо значење општо за целата миграциска слика во Европа, имајќи го предвид фактот дека Западен Балкан, посебно Република Северна Македонија има исклучително специфична положба кога станува збор за западнобалканската рута”, рече министерот Спасовски.
На крајот од состанокот, министерот Спасовски потенцираше дека барањето за приклучување кон Европската мрежа за миграција не претставува почеток на соработката, туку формализација на заедничкото работење, со оглед на тоа што веќе долго време се работи партнерски и се делат заеднички принципи, за кои говорат резултатите кои се постигнати.
Подготвено од А.Ѓ.