https://www.mod.gov.mk/%d1%80%d0%b5%d1%84%d0%be%d1%80%d0%bc%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%b2%d0%be-%d0%be%d0%b4%d0%b1%d1%80%d0%b0%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b8-%d0%bf%d0%be%d0%b4%d0%b4%d1%80%d1%88%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b7/

07.12.2022 Скопје

Денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше средба со амбасадори на земјите членки на ЕУ, акредитирани во Република Северна Македонија.

Средбата беше во функција, министерката да ги брифира амбасадорите за приоритетните активности во Министерството за одбрана, состојбите во Армијата, и реформските процеси што се преземаат во оваа област.

Министерството за одбрана соопшти дека Петровска ги запознала одблиску амбасадорите за реформите во системот на кризен менаџмент, критичната инфраструктура, предизвиците околу хибридните закани и сајбер одбраната, подобрувањето на стандардот на припадниците на Армијата и на вработените во Министерството за одбрана, но и за учеството во различни мисии на НАТО и ЕУ и за процесите на модернизација на Армијата.

Петровска со Амбасадорите го адресираше и прашањето на борба против корупцијата и организираниот криминал за што и потенцираше дека оваа борба е клучна за сите чинители во општеството при што нагласи: „Борбата против корупцијата е безбедносно прашање за сите земји од Западен Балкан, исто како што и нивната интеграција кон Европската унија“.

На средбата со амбасадорите, Петровска истакна дека Република Северна Македонија има клучна улога во промовирањето на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и воедно потенцираше дека мора да бидат вложени сите напори да се задржи ЕУ перспективата како главна движечка сила на земјите од Западен Балкан.

Во однос на украинската криза, министерката Петровска истакна дека НАТО земјите се обединети во поддршката за оваа земја во нејзините напори да ја одбрани својата територијална независност и сувереност и додаде дека Република Северна Македонија ова го докажа на дело преку одлуките за воена и хуманитарна помош.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author