03.12.2022 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, министерката труд и социјална политика Јованка Тренчевска присуствуваше присуствуваше на националното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември.
Настанот беше организиран од страна на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Националниот совет на инвалидски организации на Република Северна Македонија и Германското друштво за интернационална соработка – (ГИЗ), на кој што присуствуваа и премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за здравство, Беким Сали, постојаната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, директорот на Германското друштво за интернационална соработка – (ГИЗ), Давид Оберхубер и претседателот на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски.
„Ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и можности за сите наши граѓани и повторно ја зацврстуваме вредноста на инклузија како наша највисока цел. Со развојот на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост делуваме и докажуваме дека различностите не се нешто од што треба да се плашиме, напротив, тоа е нешто што треба да го научиме и да живееме со тоа. Различностите го зајакнуваат нашето демократско општество и треба да обезбедиме еднакви услови и еднакви шанси за сите граѓани ,без исклучок“ рече Тренчевска на почетокот од своето обраќање.
Тренчевска истакна дека идејата за инклузија за Владата и Министерството за труд и социјална политика е возможна и успешна цел. Министерката посочи дека развојот на човечкиот капитал е клучен патоказ за обезбедување на социјалната сигурност, борба против сиромаштијата, заштита на децата и развој и унапредување на социјалните услуги.
„Водени од премисата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост „Ништо за нас, без нас”, национална стратегија се развива согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост“ изјави Тренчевска.
Тренчевска се заблагодари на Германското друштво за интернационална и Канцеларијата на Обединетите Нации за досегашната плодна соработка со Владата и Министерството за труд и социјална политика. На крајот од своето обраќање истакна дека успешната реализација на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост е обврска на секој поединец и воедно го честита 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Подготвено од А.Ѓ.