https://www.facebook.com/narodnatabanka/photos/a.1540896229549397/2959051657733840/

09.12.2022 Скопје

Во третиот квартал од 2022 година забрзува растот на зеленото кредитирање, достигнувајќи 17,7%. Воедно, во третиот квартал е зголемен и уделот на зелените кредити во вкупните кредити, од 2,7% во претходниот квартал, на 3,1%, односно за 0,4 процентни поени.

Зелените кредити се наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развој на нова еколошка технологија.

Народната банка известува дека во третиот квартал, зелените кредити на корпоративниот сектор и домаќинствата достигнаа 12.876 милиони денари, односно се зголемија за 31,5 милиони евра за едно тримесечје. Воедно, растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите на фирмите, коишто учествуваат со 5,8% во вкупните кредити доделени на корпоративниот сектор, а растот на зелените кредити кај домаќинствата е помал и тие учествуваат со само 0,7% во вкупните кредити на секторот „домаќинства“.

Насочените активности на Народната банка за поттикнување и зголемување на свесноста кај домашните кредитори за финансирање „зелени“ проекти, односно поддршката на инвестициите во обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, придонесоа за зголемување на зеленото кредитирање за речиси 80% крајот на 2019 година. Во истиот период, кредитите пораснаа и како удел во вкупните кредити за 0,9 процентни поени.

Во септември 2022 година, Народната банка донесе одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија, Народната банка придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата, а воедно со мерката се поддржуваат и „зелените финансии“ и одржливото финансирање.

Во соопштението на Народната банка се наведува дека климатските промени имаат негативно влијание врз економскиот раст и инфлациските притисоци, особено кај помалку развиените економии, затоа сè повеќе централни банки го гледаат зеленото финансирање како дел од нивниот мандат.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author