21.12.2022 Скопје
Министерството за транспорт и врски денеска изврши прелиминарна распределба на социјалната зграда во Свети Николе.
Право на учество на јавниот повик за распределба имаа деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица – припадници на Ромска заедница и самохрани родители со малолетни деца.
По извршената прелиминарна распределба, Комисијата за станбени прашања на терен ќе изврши веродостојност на доставената документација и фактичката состојба. Конечната листа на семејства што ќе добијат социјални станови ќе биде утврдена по завршувањето на теренскиот увид.
“Зградата е со вкупно 48 станбени единици со исто толку подруми. Становите се големина од 35 до 47 метри квадратни. Вкупната инвестиција е 84 милиони денари. Објектот се состои од призмеје, четири катоа и поткровје”, истакна директорот на АД за стопаниување со станбен и деловен простор Зоран Ѓеоргијев.
Во Буџетот за 2023 година предвидени се 2,2 милиони евра за изградба на социјални станови. Само оваа година распределени се четири социјални згради и тоа во Гостивар, Виница, Пробиштип и Свети Николе.
Подготвено од А.Ѓ.