22.12.2022 Скопје
По целодневна расправа, Народното собрание на Република Српска синоќа го потврди изборот на новата влада на РС на чело со Радован Вишковиќ од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), каде 51 пратеник гласаа за избор на новата ентитетска влада, а 23 беа против.
Вишковиќ, истакна дека неговиот кабинет ќе ја продолжи политиката на развој во сите области, наведувајќи дека претходната влада постигнала добри резултати со оглед на околностите во кои беа РС и БиХ.
Вишковиќ нагласи дека новата влада ќе биде за реформи во даночниот и здравствениот систем, како и за јавната администрација, особено за проширување на дигитализацијата во Република Српска.
Владата на РС има 16 министерства, од кои десет и припаднаа на СНСД, Социјалистичката партија (СП) доби два ресора, додека ДЕМОС, Народната партија на Српска (НПС), Обединета Српска (ОС) и „БХ Зелени“ добија по едно министерство, а при изборот на новите министри се применуваше критериумот според закон, Владата на РС да се состои од најмалку осум министри од српска, пет од бошњачка и три од хрватска националност.
Подготвено од М.Н.