blokadi skopje sloboda prevoz

06.12.2022 Скопје

И денеска приватните автобуски превозници продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град.

Приватните автобуски превозници нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје, воедно најавија дека блокадите може да се прошират низ повеќе сообраќајни точки во Скопје.

Во текот на вчерашниот ден, преку објава на социјалните мрежи, Слобода превоз упати извинување до граѓаните на Скопје за попреченото движење низ градот.

Во меѓувреме, граѓаните беа принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, имаше застој во поголемиот дел од сообраќајниците во главниот град, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.

Директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите кажа дека блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение. Исто така, побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

Јовановски соопшти дека до „Слобода превоз“ вчера е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје и заклучи дека приватните превозници одлучно остануваат на протест, ако е потребно ќе ги повикаат и своите деца со цел да допрат до градоначалничката и таа да види дека немаат да им обезбедат соодветен оброк за на училиште.

Приватните автобуски превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author